Резолуцијата на Филипче ќе добие конкретни забелешки од Владата по изборите
Резолуцијата на Филипче ќе добие конкретни забелешки од Владата по завршување на изборите. Сепак, премиерот Мицкоски смета дека СДСМ се обидува да ги наруши меѓународните позиции на Македонија, а го повтори тврдењето дека документот содржи историски фалсификати. Без гаранции, Мицкоски вели дека не му паѓа напамет да го промени Уставот.
Од СДСМ пак преку соопштение велат дека е добро што ниту ВМРО-ДПМНЕ, а и ниту една друга партија не ги отфрли црвените линии. Од партијата ги негираат тврдењата на премиерот дека документот содржи историски невистини и велат дека се отворени за било какви конструктивни забелешки кои ќе проденсат Македонија конечно да изгради консензус за прашања од национален интерес.
- Ова е предлог резолуција којашто е презентирана пред јавноста и е презентирана пред сите останати политички партии и секако оставаме време, како што кажавме, да ја разгледаат. И уште еднаш ќе напоменам и мислам дека овој апел ќе стигне до сите затоа што станува збор за предлог резолуција којашто е за обединување, а не е за разединување и најмалку за политички препукувања. Ова е предлог резолуција којашто е направена со сериозен пристап, со експерти и многу прецизна, вели Богданка Кузеска, СДСМ
Документот кој вчера го презентираше Филипче содржи 10 точки и временска рамка до 10ти февруари за спроведување на уставните измени. Јазикот, идентитетот и историјата се црвените линии за кои не се преговара, но резолуцијата не предвидува напуштање на преговорите со Унијата при ново бугарско вето.
Од Демократскиот сојуз бараат партиите да престанат да носат резолуции кои не се обврзувачки за никого, а македонското Собрание да испрати барање до Унијата – историјата, идентитетот и јазикот да не бидат основа за блокади, а Бугарија да ги спроведе пресудите на судот од Стразбур.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар