Родителите да се вакцинираат, а децата да одат во училиште - апел од здравствените власти
Секој што има дете во училиште или градинка битно е да биде вакциниран. Во пресрет на учебната година министерот за здравство ги повика родителите на вакцинација.
- Особено за децата кои ќе почнат да одат во училиште и во градинка, битно е нивните родители да се вакцинираат за да се обезбедат семејствата. Ова е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата. Сите пандемии и епидемии, историски гледано наназад во светот завршиле исклучиво со вакцинација, а не со прележување на болеста и сега кога имаме инструмент и механизам на располагање и кога е докажано ефикасен и ефективен, што се докажува со релативно помал број пациенти во градовите во кои е поголем опфатот на вакцинација, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче рече дека се разгледува опцијата за брзи тестови кај децата во училиштата по примерот на некои држави. Но, ова кај нас засега нема да се практикува.
Министереот е задоволен од растот на процентот на имунизација пред се кај младите лица. Досега од 18 до 40 години вакцинирани се 170.000 лица.
Граѓаните со автоимуни заболувања кои имаат медицински оправдани причини и не треба да се вакцинираат можат да добијат потврди од специјалистите дека се ослободени од имунизација. Според Филипче се работи за мал број кој нема да влијае врз процесот за вакцинација
Денеска повторно беше отворен пунктот во Арената Борис Трајковски, овој пат во малата сала каде има 20 позиции за боцкање. Нема потреба од закажување, а тимовите од Здравствен дом Скопје ќе работат во 2 смени.
И покрај големиот број на новозаразени, Владата не размислува за карантини ниту за дополнителни рестрикции.
- Се надеваме дека бројките кои во последните неколку дена се стабилизираа, ќе почнат да паѓаат, особено ако се придржуваме до мерките и ако внимаваме, истакна Премиерот Зоран Заев.
Со стапувањето на сила на мерките за границите од 1 септември, здравствените власти ја разгледуваат опцијата да се прават ПЦР тестови на граничните премини при влез во државата.
За забелешката на лекарската комора дека нема национални протоколи за лекување на Ковид, Филипче уверува дека имало уште лани, а биле ревидирани во март годинава и се применувале во сите болници.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
