Рубио: САД секогаш ќе бидат дете на Европа, Мицкоски во Минхен оствари повеќе средби
Со повик за нов правец во меѓународната политика и порака дека САД и Европа се нераскинливо поврзани, американскиот државен секретар се обрати пред европските лидери во Минхен.
Говорот на Рубио кој носи олесување во затегнатите трансатлантски односи, повеќепати беше прекинат со аплаузи, иако на моменти испрати и јасни критики кон Европа, особено за безбедносните и миграциските политики.
„За Соединетите Американски Држави и Европа, ние припаѓаме заедно.“
-Затоа, во време на наслови што го најавуваат крајот на трансатлантската ера, нека им биде јасно на сите дека ова не е ниту наша цел ниту наша желба. Бидејќи за нас Американците, нашиот дом можеби е на Западната хемисфера, но ние секогаш ќе бидеме дете на Европа.Причината зошто, пријатели мои, е затоа што длабоко се грижиме. Длабоко се грижиме за вашата и нашата иднина. И ако понекогаш не се согласуваме, нашите несогласувања доаѓаат од нашето длабоко чувство на загриженост за Европа со која сме поврзани, не само економски, не само воено. Поврзани сме духовно и културно. Сакаме Европа да биде силна. Веруваме дека Европа мора да преживее.“ рече Рубио.
Пораките на Рубио, според премиерот Мицкоски се јасен сигнал за сите сојузници, дека светот веќе не функционира по старите правила.
Мицкоски на вториот ден од Минхенската безбедносна конференција оствари повеќе средби. Европската интеграција на Македонија била во фокусот на разговорите со првиот човек на Евроспкиот Совет Кошта и со холандскиот премиер Схоф. Мицкоски порачал дека овој процес мора да биде базиран на реални резултати и реформи, а не да биде понижувачки за македонскиот народ.
Со Схоф се разгледувале можности и за нови холандски инвестиции во здравството.
Мицкоски се сретна и со извршниот директор на Американскиот еврејски комитет Тед Дојч. Разговарале за зајакнување на соработката, заеднички иницијативи во насока на заштита на човековите права, унапредување на меѓурелигискиот дијалог и градење општество засновано на почит, толеранција и слобода.
Мицкоски до крајот на денот ќе се сретне и со украинскиот претседател Зеленски.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
