Македонија
20. March 2021 - 17:03

Само седум пиротехничари ја покриваат територијата на цела држава за отстранување убојни средства

Само седум пиротехничари ја покриваат територијата на цела држава за отстранување убојни средства кои се останати пред се од фронтовите од Првата Светска војна.  Ваквата бројка е далеку од  моменталните потреби на теренот на кој речиси секој втор ден има интервенции, а според проценките,  гранати ќе се откриваат и во наредните дваесет до триесет години. Македонските пиротехничари дополнителен проблем имаат и со возраста чиј просек е неколку години над светскиот.

-Просекот на старост на пиротехничарите во моментот е 59,5 години, значи шеесет години, а максимална старосна граница во светски рамки на пиротехничарот е 55 години. Од 55 години натаму не смее воопшто да работи бидејќи си има норми.  Најмалку треба да имаме 15 пиротехничари. Ние во моментот имаме седум бидејќи  нема кој да не замени, инаку реално имаме двајца пиротехничари што се до 55 години, вели Ефтим Митров – раководител на пиротехничари во ДЗС.

Интерес за оваа професија нема затоа што не се регулирани ниту елементарните услови за работа,  вели раководителот на пиротехничарите во ДЗС. Освен ниските примања и слабата опременост,  нивната се уште се водела и како професија во која не постои ризик. За разлика од кај нас во светски рамки работата на пиротехничарите според ризикот што го носи била сместена на второ место.

- Пиротехничар со 35 – 40 години стаж зема 20 000 плата, тоа го нема никаде, а веројатноста за да загине е многу голема бидејќи кај нас во државата се уште немаме средства за уништување на лице место и гранатите што мора да се уништат на лице место ние ги транспортираме. Сето тоа е дополнителен екстремно висок ризик, вели Ефтим Митров – раководител на пиротехничари во ДЗС

Пиротехничарите се надеваат дека проблемите со кои секојдневно се среќаваат ќе бидат надминати со измените во законот за заштита и спасување. Во работната група која работела на законските измени биле вклучени и тие со нивни претставници. Очекуваат законот да биде прифатен со сите  предлози и забелешки. Во спротивно за некоја година државата ќе остане без пиротехничари, а тоа според нив не смее да се случи.