Само вакцинираните ќе одат на кафе, свадби и концерти - прележаните не биле доволно „имунизирани“
Од 16 август на кафе или ручек и на летните тераси во кафетериите и рестораните може да седите само ако сте вакцинирани. Внатрешните делови во сите угостителски објекти се затвораат. Без вакцина нема да можете да одите ниту на свадба или друга прослава. Вакви свечености ќе продолжат да се организираат само на отворените делови. Сертификат не е потребен за во банки, институции, трговски центри, маркети и други затворени простории. Вакцинацијата не е задолжителна ниту за фирмите кои имаат над 30 вработени. Според новите Владини мерки за присуство на свечености и настани нема да важат потврдите за прележан Ковид, туку само документ за примена барем една доза вакцина.
-Прележувањето не ствара имунитет како вакцината, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Во меѓувреме свадби и други прослави во затворено можат да се прават уште една недела иако од ден на ден расте бројот на новозаразени. И покрај предупредувањето на експерти Филипче тврди дека мерките не се задоцнети. Засега не се планирани никакви ограничувања на границите.
-Податоците од анкетите, покажуваат дека имаме проблем таму каде мерките не се почитуваат и сега за тие затворени простории имаме соодветни протоколи кои очигледно не се почитувале и затоа имаме еден ваков проблем. Сепак луѓето планирале одредени настани и сметаат дека една недела до 16 август е разумен период ако треба да ги поместат, да ги одложат малку за да имаат време да се организираат, рече Филипче.
Според Филипче бројките на новозаразени и хоспитализирани покажуваат дека во земјава почна четвртиот бран на Ковид во кој доминира индиската “Делта” мутација. Во моментот на болчничко лекување има 150 пациенти. Од нив околу 10 проценти биле комплетно вакцинирани и затоа како што вели министерот немале сериозни компликации.
Најкритична е состојбата во Тетово. За потешките случаи од овој град на Инфективна се отвора вториот кат, а на денешниот состанок со директорите од Клинички биле договорени чекорите за дејствување доколку драстично се зголеми бројот на болни кои имаат потреба од лекарска помош.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
