Македонија
6. May 2022 - 16:31

Се читаа нови пораки на судењето на Рашковски

Возбудлив бил првиот работен ден во 2020та за Драги Рашковски и шестемина кои пред судот одговараат за злоупотреба на положбата и перење пари. На 2 јануари, од рано наутро, па скоро до пладне траело наддавањето за сообраќајниот софтвер кој обвинетите и го продале на државата за 80 илјади евра. Според пораките презентирани во судница, целата постапка завршила со меѓусебни честитки неколку минути после 11 часот.

-Ова било интересно, уште да има некој да зборува кога се наддава како на филмовите, ќе биде уште поинтерсно.

- Ај, на здравје....честитки!

По шест месеци од изборот, Владата ги исплатила парите за сообраќајната компјутеризирана програма, а обвинетите го чекале Рашковски да ги подели парите.

-Драги ти спомна нешто за распределба, што, како?

-Треба Перо да направи распределба, тој направи на 70 илјади, а не е тој износ. се дел од пораките кои ги размениле сопственикот на „Инвока“ и владин хонорарец кои седат на обвинителната клупа.

Тие, будно ги следеле и новинарските текстови откако јавноста дозна дека Генералниот секретаријат на владата набавила сообраќаен софтвер иако полицијата немала потреба од него.

-Хаос, почнаа да копаат.

-Нема од што да се плашиме, се е легално.

- Ова сега Драги повеќе го притискаат. Демек, зошто не е МВР, зошто преку Генералниот секретаријат.

Пораките се дел од доказите на обвинителството со кое Рашковски и неговите соработници  ги товари за штета на државниот буџет од над 300 илјади евра. Според обвинението, Рашковски, со тие пари ги полнел сопствените сметки и предвремено да ги исплати кредитите.