Македонија
9. јуни 2022 - 21:15

Се уште нема обвиниение и 9 месеци по пожарот во тетовската болница

Само остатоците од опожарениот објект сведочат за трагедијата која во септември лани одзеде 14 човечки животи во Тетово. Истражните органи ги лоцираа причините за пожарот во модуларната болница, но по девет месец од кобната празнична ноќ, не е прецизирано дали тој бил резулатат на човечка грешка. Обвинителите кои работеа на расветлување на случајот, пред еден месец во Државното јавно обвинителство ги презентираа своите наоди од истрагата врз основа на кои ќе се дефинира дали некој ќе сноси одговорност. Од обвинителството за Сител велат дека се работи на обвинението.

„Јавнообвинителската одлука се изготвува и штом ќе биде донесена, јавноста веднаш ќе биде известена за сите детали во поглед на лоцираната кривична одговорност“, велат од јавното обвинителство.

Според информации на дел од медиумите, со обвинението кое се подготвува, кривично би одговарале три физички и едно правно лице, но ваквите информации не ги потврдуваат од обвинителството.

На 8ми септември лани се запали модуларната болница во која се лекуваа ковид пациенти. Снимките од безбедносните камери покажаа дека за неполни три минути целиот објект бил во пламен. Огнот првин зафатил еден ѕид по што се проширил на покривната конструкција.

Крим техничарите утврдија дека причина за пожарот бил прегреан продолжен кабел на кој биле вклучени машина за ранимација, полнач за мобилен телефон и уште еден електричен апарат. Во истрагата се вклучија и германски експерти кои со своја опрема ги бараа причините за пожарот.

За случајот се заинтересира и обвинителството за гонење организиран криминал кое од Бирото за јавни набаваки побара документи за набавките на материјали за сите модуларни болници во државата.