Македонија
9. May 2022 - 16:31

Се врати интересот за Евровизија откако македонската претставничка го фрли знамето за да се фотографира со слободни раце

За неполни 24 часа, второ извинување од евровизиската претставничка која го фрли државното знаме.  Денеска, Андреа на Фејсбук напиша дека жали за постапката и вели дека била избрзана.

„Се извинувам на сите за непромислената и брза одлука, намерата не ми беше лоша. Македонското знаме ќе продолжам да го веам гордо, како до сега, така и наредните денови“

Фрлањето на македонското знаме, камерите го регистрираа на свеченото отворање на годинешната Евровизија. По бурните реакции во јавноста, Андреа доцна синоќа преку видео порака се извини и рече дека тоа го сторила бидејќи фотографите побарале да ја сликаат без државното знаме.

„Во момент каде што ме снимаше камерата и каде што ме фотографираа, побараа да го нема македонското знаме. Делегацијата беше стварно навистина далеку од мене и јас одлучив во момент да го фрлам знамето. Не беше од омраза, затоа што јас сум горда што доаѓам од тука“

За македонскиот евровизински фан клуб, симптоматично е што во тој момент на црвениот тепих до Андреа немало никој од делегацијата што ја придружува.

„Чудно е што немало никој покрај неа од делегацијата да ги преземе работите, бидејќи не е тоа невообичаено да се побара од тие што настапуваат да го предаде знамето или ако нешто друго држат во раце, па тука треба да има некој да го земе, меѓутоа околу нејзе како што видов на снимките, немало никој“, вели, Игор Трајковски Претседател на ОГАЕ Македонија.

Однесувањето на Андреа, Македонската радио телевизија го смета за скандалозно, па размислувале за повлекување на евровизискиот претставник. МРТ најавува и казни за делегацијата во Торино.

„Јавниот сервис ја разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија, иако ќе се води сметка да не се предизвика поголема штета по МРТ. Против одговорните во македонската делегација ќе бидат презмени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал“, се вели во реакцијата на МРТ.

Според законите, недоличната употреба на државното знаме е казниво дело. Од Јавното Обвинителството велат дека немало индиции дека во настанот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување.

Однесувањето на Андреа предизвика бурни рекации во јавноста, дел го оценија како наивен гестот на македонскиот евровизиски претставник, други пак гледаат генерално непочитување на државните симболи.

„А, каков однос кон знамето сакате да имаат младите генерации, кога македонското знаме не се вее на државни празници во еден куп општини во државата, кога не го гледаме во седишта на дел од политичките партии, кога искинати знамиња се веат на државни институции и јарболи, па уште може и да се смени, ако така решат партиските поглавици во пакет заедно со химната“, пишува на фејсбук Експертот за медиуми, Жанета Трајковска од МИМ.