Се зголемува капитациониот бод во примарното здравство
Матичните лекари, гинеколози и стоматолози ќе добиваат по 8 денари повеќе пари од државата за капитациониот бод. Наместо сегашните 55, бодот на матичните доктори се покачува на 63 денари. Владата ја зголеми капитацијата за 15 проценти во целото примарно здравство. Повеќе средства од државата ќе добиваат и специјалистичките приватни здравствени установи и и аптеките за одредени лекови.
- Со тоа што ќе добијат квалитетна здравствена услуга уште кај матичните лекари ќе се растеретат лекарите на секундарно и терциерно ниво. Се поттикнува превентивната здравствена заштита“, рече Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Со покачувањето на капитацијата ќе се зголемат и превентивните програми на матичните лекари по точно утврдени протоколи.
- Како што се карцином на дојка, простата, остеопороза, тироидеа, зголемен крвен притисок, ХОББ, астма и дијабет, прекумерна тежина на децата, психички проблеми, врз основа на протоколи сите пациенти да ги повикаат и да направат електронски запис“, рече д-р Венко Филипче, министер за здравство.
- Повеќе лекари ќе останат дома, а граѓаните ќе добијат поширок спектар на здравствени услуги. Вредноста на капитациониот бод за матичните лекари се зголемува за 8 денари. Во 2017 во програмата запишавме зголемување на платите а сега го остваруваме“, изјави премиерот Зоран Заев.
Од здружението на приватни лекари велат дека е добро што се почнало со покацување на бодот, но не се задоволни со 15 проценти кои ќе ги добијат после Нова година.
- Министерот рече дека сите лекари ќе имаат 70 проценти зголемување, а ние имаме едвај 15 проценти, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.
Последен пат капитацијата на матичните лекари беше зголемена од 50 на 55 денари во 2016 година.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
