Секој километар на автопатот Кичево-Охрид чини по 9 милиони евра, велат ревизорите
За еден километар од автопатот Кичево-Охрид се трошеле по 9 милиони евра, покажува најновиот резвизорски извештај. Поради непредвидени работи, изградбата поскапела за дури 45%, но се појавиле и куп други причини кои го пролонгирале крајниот рок.
Требало да се усогласи проектната документација со реалните услови, дел повторно да се проектира, но и да се изработат нови решенја. Се појавиле и нови свлечишта. Ревизорите излегле и на терен, снимале со дрон и утврдиле дека најголем дел од делницата е трасиран.
„Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите)“, велат од дзр.
До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра, покажува извештајот.
Пред да започне изградбата, во јануари 2014 ЈПДП склучило договор за заем со кинеска банка во износ од 505 милиони долари. По пет години, земале уште еден заем од плус 180 милиони, со што вкупното задолжување пораснало на 685 милиони долари.
Државни патишта не можело да ги плаќа ратите од кредитот, па се активирала банкарската гаранција. Долгот го покривал министерството за финансии.
Под лупа на ревизорите биле и други патни делници, но и трошењето во Јавното претпријатие.
Па така, нотирале и нерационално трошење на народни пари.
„Во периодот од 2015 до 2022 година направени се трошоци во вкупен износ од приближно 31 милиони евра за кои не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност“, пишува во извештајот.
Во анализата се вели и дека парите од патната такса од регистрација на моторни возила, нецелосно се префрлаат до општините, иако им следат по закон. Не се распределени речиси 58 милиони евра.
Коментар за извештајот се обидовме да побараме од директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, но тој не одговори на нашите повици.
Вчера Рустеми заедно со министерот за транспорт, професори и инженери направија увид на теренските активности, но никој не кажа краен рок, до кога ќе биде готова автопатската делница.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
