Македонија
21. September 2022 - 16:32

Семејствата на болните од Aлцхајмер бараат негуватели или дневни центри за помош

Без дневни центри за лицата со Алцхајмерова болест, ниту професионални негуватели државата се справува со епидемијата на 21 – от век. Иако нема точна статистика, се претпоставува дека 20.000 лица и нивните семејства страдаат од болеста која ги краде спомените, но бројките ќе растат бидејќи населението старее, предупредуваат лекарите. Токму социјализацијата  е неопходна при третманот на овие пациенти, за кои нема конкретен лек.

-Потребни се професионални негуватели. Потребни се дневни центри. Знаете болеста ги краде мемориите, но ние не смееме да им го украдеме квалитетот на живот, љубовта, радоста, среќата. Тоа се емоции тоа не е меморија, изјави д-р  Габриела Новотни од граѓанското здружение „Институт за Алцхајмерова болест и невронаука – Скопје“.

Загрижувачки е што кај се помлади лица се дијагностицира деменција. Најмладиот пациент во земјава имал само 36 години. Токму едукацијата на семејствата како да постапуваат со своите сакани кога ќе заборават кои се и каде се наоѓаат, беше во фокусот на одбележувањето на светскиот ден на Алцхајмеровата болест.