Македонија
2. February 2021 - 17:11

Сеуште не се знае колку е раширена британската мутација - Благ раст во бројот на новозаразени

Дали зголемениот број на новозаразени со коронавирус минатата недела во Македонија се должи на британската мутација или пак на зголемениот број тестирања? Прашањето се наметнува откако во неделниот извештај на ИЈЗ се евидентирани за 18 проценти повеќе нови случаи.

Во меѓувреме освен на 30-тината инфицирани од Нефрологија, 4-ца позитивни на Ковид меѓу кои и директорката се регистрирани и на Инфективна, но од здравство тврдат дека не станува збор за епидемиолошки поврзани случаи. За нив нема да се прават дополнителни испитувања во МАНУ дали станува збор за британската мутација, а анализите на земените брисеви од здравствените работници на Нефрологија треба да бидат готови до крајот на неделава, велат од министерството и додаваат дека освен 3-те случаи нема пријава за нови пациенти со британскиот сој. 

Докторите по јавно здравје предупредуваат дека доколку не почне вакцинацијата и граѓаните премногу се опуштат наредните месеци оваа варијанта на вирусот ќе стане доминантна.

-Доколку превентивните мерки не останат на сила и доколку вакцинацијата има ефикасност помала од 85 проценти. Тоа значи секоја вакцина што ќе се аплицира ефикасноста е над 85 проценти. Тогаш е веројатно дека на почетокот на летните месеци можеме да очекуваме трет бран на вирусот. Вакцинацијата сама по себе не може да го спречи ширењето на вирусот, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, докторант по јавно здравје.