Македонија
5. јуни 2025 - 12:19

Шест нови сензори ќе го мерат загадувањето во Струмица

Општина Струмица воспостави мини сензорска мрежа за мерење на аерозагадувањето со која преку шест сензорски монитори ќе се следи присуството на ПМ 2.5 честичките.

Сензорите се стратешки поставени на локации со зголемена чувствителност и изложеност, односно во близина на детски и образовни установи, како и во индустриски реони. Целта е да се овозможи брза детекција на загадени жаришта и навремена интервенција од страна на надлежните општински служби.

Професорот Сашо Манасов од Институтот за биометриски истражувања од Скопје, кој е одговорен за системот, вели дека ваков модел на мерење веќе е воспоставена пракса во многу светски метрополи токму поради фактот што загадувањето на воздухот не е рамномерно распределено низ територијата на еден град.

Новата мрежа ќе обезбеди прецизно следење на квалитетот на воздухот по микро-локации, што ќе овозможи вистинско мапирање на изворите  на загадување, особено во делови каде досега не се вршело редовно мерење.

Мониторите се поставени како дел од проектот ,,Мерење и анализа на загадувачи во воздухот на микро локации во Општина Струмица, во чии рамки развиената апликација редовно ќе ја следат инспекциските служби на општината. Преку посебна веб платформа квалитеот на воздухот во реално време ќе може да го следат и граѓаните. 

Според најавите, сензорската мрежа постојано ќе се проширува и надоградува со нови локации не само во општинскиот центар туку и во сите населени места.