Македонија
10. January 2024 - 16:37

Шестмесечното бебе со голема кашлица е во стабилна состојба

Големата кашлица кај шестмесечното бебе предизвикало бронхит и е во стабилна состојба на антибиотска терапија, информираат од Клиниката Козле каде детето е хоспитализирано неколку дена.

- Имаме лесна компликација кај него од типот на бронхитичен наод, но тоа не е нешто што треба да не уплаши. Детето не е на кислород и е во стабилна состојба, изјави д-р Мирјана Поповска, специјалист педијатар во Клиниката “Козле”.

Освен бронхит и пневмонија, големата или магарешка кашлица која се карактеризира со силни и долготрајни кашлања и до 100 дена може да предизвика и потешки невролошки компликации меѓу кои и грчеви во мозокот. Воспаление на средното уво, крварење од носот и кила велат педијатрите. 

- Станува збор за сериозни компликации и треба да се сватат сериозно од страна на родителите за да не лечиме компликации кога имаме вакцина на располагање која може да ги заштити децата, а за да имаме добар колективен имунитет треба опфатот на имунизација да биде над 95 отсто, вели д-р Поповска.

Но кај, нас последните години драстично е паднат опфатот со Ди –те –пер која штити и од пертусис. Во 2022 биле вакцинирани 84 проценти од новороденчињата, речиси 10 отсто помалку од пред пандемијата. 

- Не можеме преку ноќ да го смениме менталниот склоп на граѓаните, но, ги повикувам сите, нашата иднина се нашите деца и ние ги повикуваме сите да се вакцинираат зошто тоа пред се ни ги заштитува животите и спасува. Затоа мора да сфатат и лека полека ќе сфатиме сите, дека вакцинирањето на нашата иднина е пред се и тоа е иднината на нашата држава, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Инаку големата кашлица која е многу заразна коси во регионот. Во Белград е прогласена епидемија со над 400 –тини случаи, а во цела Србија има над 900 –тини заразени. Во Хрватска околу 4000 болни деца, а пред Нова година од силната бактериска инфекција почина две ипол месечно бебе во Босна.