Македонија
5. February 2023 - 16:32
Штип ќе ја враќа калдрмата во Ново Село
Со 7,5 милиони денари, средства обезбедени од Бирото за регионален развој, преку проект на ЦРИПР, локалната самоуправа ќе ја врати калдрмата во штипско Ново Село или стариот дел на градот. На неколку улици во населбата ќе се постават камени плочи, односно, ќе се реконструираат во автентичниот староградски стил.
- Очекувам веќе од наредниот месец, да се добијат потребните конзевраторски дозволи за да се распише тендерот за реализација на овој проект. По завршувањето на првата фаза, исто така се планира дополнителни средства да одвоиме како општина, за останатите улици, како втора фаза, да бидат поплочени догодина-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Неколку од старите куќи во Ново Село им се отстапени на владение на општината. Јорданов најави дека се подготвува проектна документација за нивна ревитализација, но ќе бидат потребни многу поголеми финансиски средства.
- Се надевам дека ќе се најде начин на финансирање и очекувам до крајот на мојот мандат тоа да биде завршено како една целина- додаде Јорданов
Пред неколку години, училиштето во кое учителствувале Гоце Делчев и Даме Груев е целосно реконструирано во автентичен стил и денес во него е сместен ректоратот на штипскиот Универзитет.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->