Што е „Екоцид“ и како ќе се открива и казнува?
Загадувањето да се казнува со доживотен затвор. Ова го предвидува новото кривично дело „Екоцид“ кое треба да спречи широкораспространета и долготрајна штета на животната средина. Според предлогот, казна од 10 години или доживотен затвор ќе има за лице кое спротивно на прописите ќе предизвика или преземе дејствие кое ќе предизвика еколошка катастрафа.
Според екологистите, најавените драконски казни нема да ја промената состојбата со загадувањето на животната средина.
„Прочитав во делот на законската регулатива да се упрости откривањето на загадувачот преку инспектори. Како да се упрости кога ниту еден инспектор нема сопствено теренско возило да изврши увид и постоечките инспектори им се јавуваат на загадувачите дека ќе дојдат „утре“ во 14 часот и да елиминираат било какви еколошки недостатоци“, изјави, Игор Смилев, Еколошка групација „Грин Пауер“.
Сомнеж има и за примената на законот кој треба да превенира загадување. Еколошките друштва сметаат дека е потребно формирање на посебни одделенија кои ќе се занимаваат со кривичните дела од областа на екологијата.
„Држави како Данска, Шведска и Финска би ни заведеле за нашите закони околу животната средина, но спроведувањето ни е Африканско. Сметам дека треба да имаме и некој специјален суд само за криминалот врз животната средина, на екоцидот, каде што не треба да се дозволи застарување на кривичните“ вели, Аријанит Џафери, „Еко Герила“.
Граѓанските здруженија предлагаат, предложениот закон да ги гони и веќе детектираните загадувачи.
„Закони постоеја и пред овој нов кривичен законик, дали некој се сеќава на инструментот „Загадувачот плаќа“ кој е ставен како кривично дело со кое се плаќаат драконски казни. Досега, никој, никогаш за ништо не платил, а уништил 10 пати повеќе“, вели Смилев.
Драконски казни ќе има и за произведувачите на бучава и вибрации, а казниво ќе биде уште уништување на живеалишта на заштитени видови животни или растенија, промена на водени текови и недозволено работење на постројки кои го загадуваат воздухот, водата и почвата. За извршителите на овие дела, казните се движат од една до пет години затвор.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
