Македонија
8. November 2022 - 21:17

Што ќе донесе мислењето на Венецијанската комисија за Законот за здруженија?

Пратениците сложно ги изгласаа измените на Законот за здруженија, но власта сепак одлучува да го испрати на проверка во Венецијанската комисија за второ мислење. Дали се работи за притисок од бугарската страна или сепак власта да обезбеди алиби од Европскиот совет пред Бугарија дека измените на законот не прекршуваат ничиви права?

Според Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, добро е да се има предвид стручното мислење на Венецијанската комисија, со оглед на тоа што овој закон предизвика лавина од коментари, како во Македонија, така и во соседна Бугарија, каде што сметаат дека со овој закон се кршат човековите права.

Според дел од аналитичарите пак, нема никаква потреба Венецијанската Комисија да дава мислење за Законот за здруженија.  Велат нема ништо спорно во измените на законот, со оглед на тоа што речиси во сите европски земји има ограничувања за именувања на здруженија според личности и организации од фашистичи, профашистички како и нацистички карактер.

Инаку Венецијанската Комисија е советодавно тело на Советот на Европа, составено од независни експерти од областа на уставното право.