Сиљановска Давкова - Милановиќ: Патот на Македонија до членство во ЕУ предолго трае, но не по македонска вина

Патот на Македонија кон ЕУ предолго трае, и тоа не по македонска вина, нагласи претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ на прес-конференцијата по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Загреб. И двајцата се согласни дека тој пат е неоправдано попречуван и оти од земјава се бараат отстапки кои ниту се оправдани, ниту се дел од Копенхашките критериуми.
-Зборувавме за обидот на Македонија, Северна Македонија, како и да сакате, да стане членка на нешто што многумина од нас, вклучувајќи ме и мене меѓу првите, до неодамна го нарекувавме и го третиравме како врв на некаков вид материјализација на државата, пристапувањето кон Европската Унија, како тоа да е на кој било начин супериорно во однос на она што веќе го имаме, а тоа се нашите независни национални држави. Во случајот со Хрватска, таа беше многу тешко извојувана и постигната со многу величествени работи и некои помалку величествени, а во случајот со Македонија и нејзиниот историски пат и окружување, уште поголемо чудо е што Македонија успеа да стане и да преживее како независна држава во вртлогот во кој историски живееше, рече Милановиќ.
Смета дека Македонија треба сама да одлучи за својата судбина и за тоа што е важно за неа - дали е тоа членство во Европската Унија по секоја цена, бидејќи, како што нагласи, она што се бара од Скопје во последно време е „секоја цена“ и повеќе од тоа.
-Тоа е еден вид лицитација што не е лесно да се задоволи. Значи, што и да правите, доаѓа ново барање. Потоа доаѓа она на што дури и не сте сметале. А јас понекогаш го нарекувам таков вид однос во хрватската политика и во нашата внатрешен политички натпревар „гаслајтинг“. На хрватски јазик тоа најдобро се преведува како залудување, или обид некого да го убедиш дека нешто што е фикција е реално, или дека нешто што не е реално е фикција. Значи, Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат го избира. Дали е тоа, секако претпоставувам дека е патот на безбедноста, задоволството, просперитетот, мирот и спокојството на граѓаните на Македонија, на сите етнички групи, националности. А ова второто, вклучувајќи ја Европската Унија, па дури и НАТО, е фасада. Тоа е еден вид енергетска обнова. Стиропор, лице. Но, она што ја прави куќата е внатрешноста и носечките ѕидови и нејзината структура, истакна хрватскиот претседател нагласувајќи дека ова се само негови размислувања, а не совети.
Но, како што рече, гледајќи, следејќи, доживувајќи сè што доживеал и видел во последните многу години, тоа се негови мисли и вели дека истото ваќи и за неговата земја.
- Значи, тоа важи и за Хрватска. Европската Унија е надградба, но во никој случај не е зграда. Значи, нашата куќа и нашата зграда се на наше земјиште, нашите темели се во неа, а Европската Унија е добредојдена сензација додека трае. И тоа е тоа. Немам илузии за тоа. И им посакувам на Македонија и на Македонците и на политичарите во Македонија се најдобро сами да проценат, без туѓо менторство и уште полошо, без туѓа манипулација и управување со видливото и невидливото, што е добро за нив, бидејќи тоа се случува предолго. Пред пет, шест, седум години, не би го кажал ова. Денес го кажувам ова затоа што го гледам. Значи, има живот без Европската Унија, и успешен и целосно достоинствен живот, рече Милановиќ.
Македонската претседателка е согласна дека патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ е неоправдано попречуван и одолговлекуван.
- За жал патот кон ЕУ се трансформира во маратон. Можете да замислите кандидатскиот статус го добивме во 2005 година.
Определбата беше дека политичкиот систем на ЕУ тој sui generis политички систем, низ призма на Копенхашките критериуми, утврдени уште во далечната 1993 година, може да не направи компатибилни со регионот, ама и компатибилни во европски рамки. И, вистина, посветено тргнавме на тој пат. Само податок можеби дваесетина и повеќе пати сме добиле позитивни годишни извештаи и препорака, и од Европскиот парламент и од Европската комисија, за почеток на преговори, и никако да дојде до преговорите, рече Сиљановска - Давкова.
Таа додаде дека најчестите барања од нас се најчудните - промена на Уставот.
- Замислете актот на сувереноста, Уставот, највисокиот закон, закон на законите, општествената повелба на граѓаните треба да се смени. Иако, како и во секој Устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници, или 150 илјади граѓани, и Владата, не пишува дека ЕУ, а уште помалку може тоа да го направи некој од соседите, истакна Сиљановска Давкова.
Според неа, ова е огромен предизвик за земјава и оти на тој пат ние размислуваме за сите можни решенија, иако мора да се нагласи оти кај сите политички партии во програмите една од стратешките определби е ЕУ како заеднички дом нели. Граѓаните кај нас, нагласи таа, околу оваа синтагма, околу ова барање се обединуваат.
- Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди какви што се барале од вас, или какви што се бараат и од другите членки, а тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања коишто се однесуваат на историјата, на културата, на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на Договорот за ЕУ јасно пишува дека ЕУ ја признава, бидејќи е единство во различностите, и ги почитува историјата, културата и јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните, истакна на прес-конференцијата по средбата Сиљановскаа-Давкова.
Таа е свесна дека промена на консензуалното одлучување во ЕУ е тешко да се промени барем засега, но, како што нагласува, она што го бараме ние, скромно, како држава, како нација, е да нема двојни стандарди и да се вреднува она што се вреднува и кај останатите.
-Јас благодарам за пријателскиот однос, за поддршката, за помошта, на отворањето на нови перспективи или укажувањето на различни решенија и можности особено денеска, во овој чуден свет во којшто најмалку има владеење на право. Реалполитиката се претвори во дарвинистичка. Кантовиот вечен мир, стана свет во којшто силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат. Ние сме во оваа втора категорија. Меѓутоа, има прашања за кои навистина не може и не треба да се разговара, рече претседателката.
Вели дека проширувањето на ЕУ не е само политичко, економско и културно прашање, туку е безбедносно прашање, и верува оти има уште можности нам да ни се овозможи да се натпреваруваме како и сите други во освојувањето на владеењето на правото, демократијата, почитувањето на човековите, вклучувајќи ги и малцинските права за да можеме навистина да го добиеме местото во европското семејство.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во Загреб, со највисоки државни и воени почести беше пречекана од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Пред прес-конференцијата тие имаа тет-а-тет средба, а беше одржан и пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Македонската претседателка, која е во официјална посета на Република Хрватска, ќе оствари средба и со премиерот Андреј Пленковиќ.
Предвидено е да положи венец на Споменикот на татковината, а во градскиот парк „Бундек“ ќе положи венец на спомен-бистата на Блаже Конески.
Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб ќе присуствува на отворањето на изложбата „Архивски документи“ на македонската уметница Жанета Вангели.
Сиљановска-Давкова вчера ја посети македонската православна црква „Свети Злата Мегленска“ во Загреб и оствари средба со претставници на македонската заедница во Хрватска.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна, нема индиции за ризици
-

Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес
-

Тошковски: Имаме раст на пријави за семејно насилство, жртвите сè повеќе се охрабруваат, следуваат итни законски измени
-

Ѓорѓиевски: Брзиот автобуски превоз (БРТ) станува реалност!
-

Се снимале како упатуваат закани кон министерот Тошковски, кривична за четворица битолчани
-

Сиљановска Давкова - Милановиќ: Патот на Македонија до членство во ЕУ предолго трае, но не по македонска вина
-

Судењето за „Онкологија 2“ прекинато, адвокатката Бегова казнета со 500 евра
-

Претрес во Демир Хисар, пронајдено оружје, приведено едно лице
