Македонија
27. January 2026 - 9:56

Сиљановска-Давкова: Пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава – Националниот ден на Србите во земјава, во која истакна дека пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било за заедничко чекорење по патот на напредокот и пријателството.

Во честитката, таа им посака добро здравје, мир и спокој, како и радост и слога во нивните домови. Претседателката истакна дека делото на Свети Сава како просветител и мировник претставува траен патоказ за негување на духовноста и градење заедништво засновано на меѓусебно почитување и разбирање.

Сиљановска-Давкова нагласи дека српската заедница, со својот богат културен идентитет и традиција, е важен дел од македонското мултикултурно општество и дека нејзиниот придонес во сите општествени сфери ја прави државата побогата и попросперитетна.

Таа порача дека во време на бројни предизвици, пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било и повика на заедничко чекорење по патот на напредокот и пријателството.

 

МИА