Македонија
26. January 2026 - 16:38

Гости во „Пулс“ сведочеа дека дискотеката немала помошен излез, не се издавале ниту фискални сметки

Четворица сведоци повикани од обвинителството кои биле гости во Пулс, на денешното судење ги опишаа првите минути по избувнување на пожарот во дискотеката. Огнот на плафонот се појавил во 2:32 минути, прво сите го снимале, се создал густ црн чад со силен мирис, па во еден миг сите одеднаш се упатиле кон вратата.. Според сведоците, паника настанала кога толпата со доближила до влезот..

"Се создаде стампедо, кога стигнав до вратата беше хаос, лежеа на подот еден врз друг, паднав на колена, почнаа да ме газат, почнав да повраќам и потоа не се сеќавам", изјави Тоше Трендафилов.

Според исказите на сведоците, иако биле чести гости во Пулс, тие никаде во објектот не забележале дека има пп апарати. Сите сведочеа дека ноќта на 16 март, во објектот имало многу гости, па движењето било отежнато. На забавите, скоро секогаш имало и малолетници, за купените билети пак не се издавале фискални сметки.. Употребата на пиротехника во диското, не била реткост, имало и настапи во кои се користел и оган, кажаа сведоците во судницата. За сите присутни најголем предизвик таа ноќ, според сведоците, било да се извлечат од толпата која останала заглавена на вратата..

"Сите паѓаа еден врз друг. Чувствував дека нозете ми се згмечени, имав силна болка. Двајца пожарникари се обидоа да ме извлечат, но видоа дека сум многу притиснат", низ солзи сведочеше Мартин Китанов кој во пожарот го загубил другарот кој таа вечер славел раѓање на синот. 

Најмногу прашања за сведоците имаше одбраната на сопственикот на Пулс, која бараше потврда дека Дејан Јованов со пп апарат се обидувал да го изгасне пожарот. Родителите пак реагираа што неговата адвокатка во текот на судењето изјавила дека сопственикот на Пулс, требало да одговара за небрежност, а не за тешки дела против безбедноста.

Судењето за пулс продолжува во понеделник на втори февруари.