Сиљановска - Давкова во Братислава: Глаголицата е „ода на светлината“ што ги поврзува народите

Глаголицата како живо културно наследство што обединува и создава современи уметнички вредности е во фокусот на изложбата „Од глаголица до светлина:Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети во Националниот центар за култура и образование во Братислава, потенцирајќи ја нејзината улога во надминување на границите и зацврстување на културните врски меѓу земјите.
На изложбата се претставени дела од македонските уметници Ана Митевска, Ангел Коруновски, Лазе Трипков и Александра Костадиновска, под кураторство на Кирил Пенушлиски, а преку сликарство, фотографија и современи визуелни интерпретации се истражува врската меѓу историската меморија и современиот уметнички израз.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека изложбата носи силна симболика и пораки за поврзаноста на културното наследство и современоста.
- Тешко е да зборувате кога сте импресионирани. Меѓутоа, мислам дека насловот доволно открива. Ако сме слушнале за „Ода на радоста“ во музиката, тогаш навистина глаголицата е „ода на светлината“. И јас се просветлив во овој модерен простор со мошне силни пораки. Најсилната за мене е тоа што уште еднаш ми се потврдува дека не случајно ги разбирам натписите по улиците – тие нè потсетуваат на македонскиот јазик. Всушност, се знае дека изворот е во глаголицата - изјави претседателката.
Таа нагласи дека глаголицата претставува мост што ги поврзува народите и културите, бришејќи ги географските дистанци.
- Уште еднаш се покажа дека креативноста, умот и талентот се поврзани со светлината. И да, ова во моментот е град на светлината, простор што осветлува, каде што се покажува дека далечината меѓу Скопје и Братислава исчезнува за миг, бидејќи она што нè поврзува навистина е глаголицата - рече Сиљановска-Давкова.
Посочи дека изложбата отвора можност за натамошно поврзување на културните точки поврзани со делото на Кирил и Методиј.
- Во разговорот со најзаслужните за оваа прекрасна изложба, како и со амбасадорките – нашата и словачката амбасадорка во Скопје – заклучивме дека можеби следниот природен чекор е кон Рим. Можеби и таму сите овие точки би можеле да се поврзат и да создадат едно уметничко и културно соѕвездие на Кирил и Методиј - истакна претседателката, додавајќи дека „се чувствува просветлено – нешто што им е многу потребно на политичарите од време на време“.
Кураторот на изложбата, Кирил Пенушлиски, ја нагласи современата димензија на културното наследство.
- Ова е изложба што обединува четворица македонски уметници и покажува дека културното наследство не припаѓа само на музеите, туку дека е жива материја врз која може многу да се создава. Исклучително сум задоволен од тоа како поминавме тука, особено со соработката со Македонската амбасада во Братислава и со културните институции што ни помогнаа. Се отвораат и други можности и најверојатно изложбата ќе биде претставена и на други места - изјави Пенушлиски.
Изложбата, која беше отворена на 27 мај, ќе трае до 16 јуни, со поддршка на македонската Амбасада во Братислава и Министерството за култура и туризам.
МИА
Ново на Сител
-

Оставка на уставниот судија Гоце Наумовски
-

Кавги во Собранието поради законот за правична застапеност - ДУИ бара веднаш да се гласа
-

Дурмиши: Продажните цени растеле побрзо од набавните, но сега се стабилизираат
-

Четири компании аплицирале на тендерот на Министерството за транспорт за електрични автобуси
-

Нема веќе алкохол и цигари во студенстките домови – законските измени во собраниска процедура
-

САД создаваат 12 милијарди долари залихи во руда - Македонија не ги искористува ресурсите
-

Државата размислува за изградба на државен дата-центар, но ниту една компанија не пројавила интерес за инвестиција
-

Началникот на германскиот Генералштаб, генерал Бројер во посета на АРМ
