Македонија
2. јуни 2022 - 21:14

Сител на терен: Патарините подготвени, нов трошок за патниците на автопатот за Штип

Патарините на автопатот Миладиновци – Штип се подготвени за работа. Билетарниците ги чекаат вработените кои ќе наплаќаат во готово, а поставен е и системот за електронска наплата. 

Според најавите, минатиот месец требаше да почне наплатата за патување по најновата автопатска делница во државата. Засега нема информации дали одложувањето е резулатат на сообраќајката на патарината кај Кадрифаково во која настрада една билетара. 

Официјално пак од Јавното претпријатие за државни патишта, велат дека возењето по новиот автопат ќе се наплаќа откако за двата објекта ќе заврши техничкиот прием.

„Пуштањето во употреба на Наплатните станици на автопатот Миладиновци-Штип ќе биде откако Јавното претпријатие за државни патишта ќе добие Времен завршен извештај од Надзорот на работите што подразбира исполнување на функционалноста на системот“.

Во меѓувреме, градежна мехнизација работи на расчистување на одронот кој урна потпорен бетонски ѕид, но не и на оној со камења кој зафаќа две сообраќајни ленти. 

Со пуштањето во употреба на двете нови наплатни рампи, патувањето од Скопје кон истокот на државата по автопатот Гоце Делчев, возачите на Автомобили ќе ги чини 160 денари. Сумата скалесто ќе расне, почнувајќи од патарината Миладиновци која чини 40 денари, десет повеќе ќе платите на Преод, а речиси на крајот од автопатот, за билетот ќе треба да се одвојат 70 денари.

Инаку, иако Министерството за транспорт и врски најави дека министерството подготвило програма за намалување на цените на патарините низ државата, од Владата се уште нема одговор дали ќе се прифати предлогот и од кога би се применувале измените.