Бизнис
8. July 2026 - 16:30

Следната недела маркетите на средба во Владата - ќе се бараат причините за зголемените профитни маржи

Следната недела трговците повторно на средба во владата. Ќе се бараат причините за неоправдано зголемување на профитните маржи. Ако не ги намалат – ќе се воведат мерки. Ова следува откако пазарните инспектори констатирале дека зголемувањето на цените на одредени производи не е поради повисоките набавни цени, туку на зголемените профитни маржи во одредени маркети.

„Оправдувањето на маркетите е дека тоа го прават дистрибутерите, Добавувавачите пак велат дека ги уценуваат маркетите и тоа е една игра која постојано се повторува. Ако анализите на ДПИ покажат отстапување, од понеделник ќе имаме состанок со производителите, дистибутерите и маркетите и ќе видиме кои мерки ќе ги преземеме.“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија

Статистичките бројки за јунската инфлација покажуваат дека истата почнува да се стабилизира. Но потребен е дополнителен пад на цените и инфлација под 3%, за да бидат задоволни и граѓаните и владините претставници. Ако законски не можат да ги ограничат маржите на трговците, Ристески вели дека можат да преземат мерки.

„Кога гледаме дека има воен конфликт и маркетите да прават профит, владата може да преземе мерки. Трговците цело време треба да се опоменуваат, па дури и да се преземат неекономски мерки.“, додава Ристески

Вчера статистика објави дека инфлацијата во јуни изнесува 3,4%. За една година храната поскапела за 2,5%, а најголем скок на цените има кај месото, маслата, јајцата, млекото и млечните производи.