Службеничка од МВР осудена на две и пол години затвор за фалсификувани возачки дозволи
Две ипол години затвор доби вработената во МВР која за мито во возачките дозволи додавала дополнителни категории Ц и Д иако возачите никогаш немале положено за нив. Признала вина пред судот и по скратена судска постапка и беше изречена казната.
Заедно со неа, затворска казна од една година и три месеци добија двајца возачи на кои во договор со службеничката во дозволите им биле впишувани категории за автобус и камион, иако биле свесни дека немаат положено ниту поминале обуки.
-Предметот се води против шест обвинети, од кои тројца се недостапни. На последното одржано рочиште тројцата присутни обвинети ја признале вината, соопштија денеска на брифинг во Кривичниот суд.
Обвинителството пред 10 дена поднесе обвинение против шест лица за Фалсификување исправа.Според обвинението, првоосомничената од септември 2020 до август годинава ги злоупотребувала своите службени шифри за внесување дополнителни категории во возачките. Шемата функционирала така што возачите пријавувале дека си ги изгубиле исправите, по што поднесувале барања, а според информациите за оваа услуга се наплаќале дури по 1.400 евра.
Оваа службеничка и претходно и била позната на полицијата. Во 2021 година таа веќе била суспендирана од работното место поради кривична пријава за малверзации при издавање лични документи, но на 15 јануари лани, врз основа на судска одлука, повторно била вратена на работа во МВР.
Од Обвинителството најавија дека обезбедуваат докази против уште 20 лица, кои биле корисници на фалсификуваните возачки дозволи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
