Македонија
20. January 2024 - 16:32

Снегот направи проблеми со струјата во повеќе населени места, забрана за движење на неколку патишта

Голем дефект во трафостаница остави дел од Битола без струја. Стотици домаќинства синоќа потонаа во мрак, а повеќето од нив се загреваат на електрична енергија. Екипите на ЕВН излегле на терен веднаш и дел од потрошувачите добиле струја по два часа, но дел од домаќинствата немаат и денеска. 

„Снабдувањето со електрична енергија за дел од овие жители се нормализираше уште вчера, а дел од корисниците за жал се уште се соочуваат со прекин во снабдувањето бидејќи дефектот е многу комплексен. Екипите на Електродистрибуција се уште работат на санација на овој дефект од посериозни размери“, велат од ЕВН.

Оттаму очекуваат проблемот да биде решен во текот на денот. 

Но, не е само Битола. Поради дефекти на електродистрибутивната мрежа, повеќе села во околината на Скопје се без струја, а прекини има и во Охрид, Куманово и Кичево. Засегнати се триесетина населени места. Причина за овие прекини биле снегот и ветерот.

Поради лошите временски услови, забрана за тешки товарни возила има на неколку патни правци ширум земјава.

Засега нема информација за завеани села. Од Ценатрот за управување со кризи апелираат вечерва и утре да се патува само ако е неопходно, со полни резервоари и задолжителна зимска опрема,  бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патиштата во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници. Луѓето кои живеат на повисоките места, пак, со време да се снабдат со основни намирници, храна и лекови. Внимателност се препорачува и кај пешаците поради очекуваната голомразица од ниските температури.