Со измените во Кривичниот законик слабее борбата со корупција
Измените на Кривичниот законик ја слабеат борбата со корупцијата. Ова е ставот на експертите по Казнено право откако со владина одлука беше ублажена казнената политика за злоупотреба на службената положба. Велат, не постојат аргументи дека ќе се зголеми ефикасноста во расветлување на кривичните дела.
„Сите оние налогодавци, организатори и извршители на овие измени, едноставно немаат никаков валиден контра-аргумент дека ова било за евентуално поуспешна и ефикасна борба против корупцијата. Едноставно, времето ќе го покаже тоа. Овде се работи за една директна смртна закана за и онака слабата борба против највисоката корупција“, изјави Миодраг Лабовиќ, професор по Казнено право.
Експертите оценуваат дека донесените измени со кои застаруваат судските предмети, укажуваат на неказнивост. Ги сметаат како охрабрувачка порака за вршителите на јавни функции.
„Се испраќа порака дека и во иднина, идните, не само овие кои се сега со овие измени се ослободуваат, туку и идните функционери, фактички ќе потпаднат многу лесно под таа застареност“, смета Лабовиќ.
Додека измените во Кривичниот законик ги застаруваат судските предмети, во Собранието се чека и донесување на законот за Амнестија со кој власта тврди дека ќе го реши проболемот со пренатрупаност на затворите. Според Лабовиќ, амнестијата треба да се применува само во исклучителни ситуации, а не во ослободување места.
Според проценките, со Законот за амнестија на слобода ќе излезат околу 200 лица кои се во затвор за полесни кривични дела. Бројот на луѓе пак кои треба да почнат со издржување на затворска казна е 10 пати поголем.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
