Собранието демантира дека плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените

Собранието на Република Северна Македонија не плаќа и не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во собраниската служба.
Постапката на која се повикуваат медиумските објави се однесува на обезбедување систематски, односно превентивни здравствени прегледи, кои претставуваат законска обврска на работодавачот, а не дополнително или приватно здравствено осигурување.
Во согласност со член 22 став (1) од Законот за безбедност и здравје при работата, работодавачот е должен да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци. Оваа законска обврска не се однесува само на Собранието, туку се применува и на работодавачите во јавниот и во приватниот сектор во согласност со одредбите на законот.
Видот, начинот и обемот на овие прегледи дополнително се уредени со уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените, донесена врз основа на член 22 од Законот за безбедност и здравје при работата. Прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот.
Оттука, јавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамките на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување.
Станува збор за две суштински категории.
Приватното здравствено осигурување подразбира склучување осигурителна полиса со осигурително друштво, со која на осигурените лица им се покриваат определени здравствени услуги во согласност со условите на полисата. Собранието нема склучено такво осигурување за пратениците и за вработените во собраниската служба.
Во конкретниот случај се работи за јавна набавка на здравствени услуги за реализација на систематски преглед, кој Собранието, како институција и работодавач, е должно да го обезбеди во согласност со законските прописи.
Дополнително, ваквите систематски прегледи не претставуваат нова практика или новововедена привилегија. Собранието и во претходните години спроведувало постапки за набавка на превентивни здравствени прегледи токму заради исполнување на обврските што произлегуваат од прописите за безбедност и здравје при работа.
Собранието во целост ја почитува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана и да ги анализира начините на трошење на буџетските средства. Истовремено, очекуваме информациите што се однесуваат на работата на Собранието да бидат презентирани точно, целосно и со јасно разграничување меѓу факти и интерпретации.
Уште еднаш потенцираме, Собранието на Република Северна Македонија не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во собраниската служба. Станува збор за систематски и превентивни здравствени прегледи, кои се спроведуваат во согласност со законска обврска на работодавачот.
Апелираме до медиумите што ја пренесоа неточната или непрецизно формулирана информација да го објават овој демант и да извршат соодветна корекција на содржините со цел јавноста да биде правилно и целосно информирана.
Сектор за комуникации и односи со јавноста на Собранието
Ново на Сител
-

„Да оставиме пример, не ѓубре“ – голема еколошка акција во Скопје
-

Регионален форум за борба против корупција во организација на Државната ревизија
-

Службеничка од МВР осудена на две и пол години затвор за фалсификувани возачки дозволи
-

Миланов: Апаратите во Лотарија и приредувањето игри на среќа се законски
-

Реконструиран студентскиот дом „Стив Наумов“, 1.150 студенти добиваат современи услови за живеење
-

Земјоделците го блокираа патот Прилеп-Битола, бараат итни мерки и помош од државата во сите гранки
-

Мицкоски: Барам разрешување за скандалот во Македониумот
-

Нов обид за деблокада на измените во Изборниот законик
