Собранието ја констатира оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи

Собранието, во рамките на денешната 104. седница, ја констатира оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Вицепремиерот Фетаи поднесе оставка на 1 јуни за што соопшти преку социјалните мрежи. Фетаи во објавата на „Фејсбук“ вели дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.
- Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека при околностите во моментот е најправедниот и најдостоинствен чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да - наведува Фетаи.
Во оставката тој изразува благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста.
На денешната седница Собранието ја утврди потребата по скратена постапка да бидат донесени повеќе законски измени и дополнувања, меѓу кои законите за управување со конфискуван имот, електронски комуникации, судовите, Судскиот совет на Република Северна Македонија, технолошко-индустриските развојни зони, индустриските зелени зони, енергетската ефикасност, шумите, земјоделското земјиште, градењето и урбанистичкото планирање.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски пред пратениците истакна дека основна цел на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е унапредување и зајакнување на законската и институционалната рамка за управување, контрола и исплата на финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој, со посебен акцент на средствата од Европската Унија (во натамошниот текст ИПАРД). Потенцира дека со предложените решенија се обезбедува: зголемена ефикасност во постапките за одобрување и спроведување на мерките, јакнење на механизмите за контрола, вклучително и контрола на самото место, воспоставување појасни и поефикасни правила за санкционирање и поврат на средства, зајакнување на системската рамка за спречување неправилности.
Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, при образложението нагласи дека основни цели на предлогот на законот за дополнување на Законот за градењето е усогласување со одредбите од Правилникот за урбанистичко планирање и одредбите од Законот за урбанистичкото планирање, на тој начин што градбите со класа на намена Г4.7 - Градби за чување и складирање дигитални податоци (дата-центри) и градбите предвидени со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење се предвидуваат како градби од прва категорија.
- Додека за градбите, складишта на електрична енергија со цела придружна електротехничка опрема само за потребите и во склоп на постојни објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори (ветерна, сончева и хидроенергија), се предвидува постапка за запишување во Агенцијата за катастар на недвижностите, се со цел регулирање на имотно-правниот статус - рече таа.
Заменик-министерката за транспорт во образложението истакна дека основни цели на предлогот на законот за изменување на Законот за урбанистичкото планирање, по скратена постапка, е намалување на роковите при водење на постапките за градбите за производство и складирање енергија, градбите за чување и складирање дигитални податоци, како и придружните објекти и инфраструктурата, кои се неопходни за непречено функционирање на овие градби. Потенцира дека во делот на пренамена на земјоделското земјиште во градежно овој закон упатува на усогласување со Законот за земјоделското земјиште.
МИА
Ново на Сител
-

Анализа: Што можеме да очекуваме од утрешната средба Сиљановска Давкова – Јотова?
-

Тема на денот со Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
-

Утре средба Сиљановска-Давкова – Јотова во Софија, премиерот претпазлив
-

Снимки од заѕиданите пари: Обвинителството ги откри врските Ристов–Стафа–Пецов
-

Државата најверојатно сама ќе го гради Чебрен и Галиште
-

Нов клинички кај ГОБ “8 Септември”, а Медицинскиот факултет останува на сегашната локација
-

Владата најави мерки за граѓаните од следниот месец, ако цените продолжат да растат
-

Законот за заштита од пушење на цигари веќе е во собраниска процедура
