Македонија
4. November 2020 - 17:01

Софијанова се враќа на директорската позиција на детска клиника

Аспазија Софијанова се враќа на директорското столче на Клиниката за детски болести. Според информации на Сител таа на оваа функција официјално ќе биде назначена до крајот на неделата. Софијанова и претходно во времето на ВМРО од март 2012 до летото  2017 менаџираше со оваа здравствена установа.

Нов директор ќе има и во детската болница Козле. Неофицијално на местото на Ангелчо Андоновски ќе биде педијатарот од Тетово Агрон Пајазити.

Со Клиниката за токсикологија ќе раковиди дигестивниот хирург Ридван Бајрами. Тој на оваа позиција доаѓа од ГОБ 8 септември, а за јавноста  стана познат после несреќата во Ласкарци кога повеќе од 30 часа остана на работното место. Нов директор ќе има и Клиниката за кардиологија.Оливер Калпак од истата установа  ќе го наследи Жан Зимбаков.

Како што соопштија од министерството за здравство, во екот на на најголемата пандемија со Ковид-19 од директор на Центарот за јавно здравје ќе биде сменет и првиот скопски епидемиолог со децениско искуство во оваа институција Александар Стојанов. На негово место ќе биде назначен кадар од ДУИ.

Промени има и во директорските места во Фондот за здравство. Не како што се шпекулираше со името на Мухамед Зекири, Владата вчера одлучи со здравствената каса да раководи 36 годишниот Стево Крстевски од Велес, актуелен советник од СДСМ во советот на општината и сопственик на книговодтсвено биро. За втор директор во ФЗО од минатата недела е назначен Фатон Ахмети.