Совети од доктори: Да се јаде и пие умерено за празниците
Да се јаде и пие умерено. Секое претерување со храната и алкохолот според докторите е ризик по здравјето. За да се избегнат тегоби храната да биде добро комбинирана советува нутриционистот Драгица Зенделовска.
-Да се јаде во помала количина, да не се меша многу храна, да се џвака правилно, лесно да се хидрираме. Нормално идат денови кога внесуваме прилично многу алкохол, да се хидрираме повеќе со чаеви и вода. Дел од трпезата ќе биде и црвеното месо, секако треба да биде во помала количина во комбинација со салата итн. Меѓутоа тоа да не трае подолго време, изјави д-р Драгица Зенделовска, нутриционист и виш научен соработник на медицинскиот факултет Скопје.
Освен алкохолот и масната храна, кардиологот Владимир Ристовски потенцира особено да се внимава и со внесот на сол, за да се избегнат кардиоваскуларни заболувања.
-Се што се јаде умерено е здраво, само треба да се внимава и тоа што сме го изеле да го потрошиме. Да го редуцираме внесот на алкохол. Да јадемне обезмастени сирења или кашкавали и помалку да внесуваме сол. Знаете дневно препорачана доза е 5 грама тоа се доволно вредности за функционирање на организмот. Но тоа да трае ден-два. Една- две чашки алкохол треба да се напиеме, ама да не претеруваме, вели д-р Владимир Ристовски, кардиолог во ГОБ 8 септември.
Лекарите апелираат со мрсната храна и алкохолот деновиве посебно да внимаваат оние кои ги практикувале долгите пости, постепено да се вратат на нормалниот начин на исхрана, за да не си наштетат на здравјето.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар