Спасовски најави кривична одговорност за сите кои го ставиле здравјето на граѓаните во ризик
Сите кои придонеле Скопје да стане депонија, се соочуваат со кривична пријава. Министерство за внатрешни работи ќе истражува кој го попречувал собирањето на комуналниот смет. Виновниците ќе се бараат во извештајот кој го подготвуваат Инспекторатот за заштита на животна средина, комуналниот инспекторат и градските инспектори.
„Да ги видиме нивните наводи во однос на целата состојба и во постојана координација сме со обвинителот. Секако, доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите кои ќе бидат прибрани“, изјави Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.
Спасовски најавува дека ќе се истражуваат и кривичните за оние кои земале плата а не доаѓале на работа. Ќе се проверува и дали директорката на Комунална хигиена ја злоупотребила положбата која иако знаела за тие вработени, сепак биле на платниот список на јавното претпријатие. Во истрагата е веќе вклучено и обвинителството.
„Јавното обвинителство ги поттикнува институциите надлежни за откривање на кривични дела да извршат проверки и да достават соодветни поднесоци за сите кривични дела што притоа ќе ги откријат. Обвинителството, согласно своите законски надлежности, ќе постапи по сите поднесени кривични пријави. По сите веќе поднесени пријави обвинителството постапува и ги проверува наводите“, велат од обвинителството.
Сметот остана во преполните контејнери откако директорката на комунална хигиена отпушти 50на вработени за кои тврди дека со години не се на своите места. Таа пред една година со исти тврдења подели откази за над 30тина вработени, но сега не одговори зошто и требале 12 месеци за отказни решенија за лица кои не доаѓаат на работа.
И Скопските градоначалници на опозицијата најавија кривична. Бараат одговорност од градоначалничката на Скопје зашто не дозволила собраниот смет од општинските служби да се депонира во „Дрисла“.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
