Македонија
17. December 2023 - 16:58

Спасовски: Системот треба да се консолидира за да не се шетаат криминалци на слобода

Спасовски се сложува со американската амбасадорка дека институциите потфрлиле во случајот со убиството на Вања, но вината ја гледа во правосудниот систем.

- Не може МВР да ги фаќа криминалците, а потоа правосудните органи да не ги казнуваат. Спасовски вели тоа е резултат на не консолидираниот систем кој треба брзо да се менува. Дополни дека поради ваквите случувања, потребно е да зајакне јавната свест, да се препознава насилството и заеднички да се бориме против поединците кои поради корупција го нарушуваат системот кој треба да ја испорача правдата. 

Тоа што системот не функционира е вина на Спасовски кој е 8 години министер за внатрешни, обвини опозицијата.

- Доколку МВР на Спасовски распишеше централна објава по возилото на Панче, и неговите убијци ќе биле фатени уште на 24-ти ноември кога влегло во Скопје или на 25-ти кога повторно е лоцирано на камерите на „Безбеден град“. МВР на Спасовски имало 3 дена кога возилото на Панче било возено низ Скопје да ги фати убијците на Панче, со што до убиството на Вања немало да дојде, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Американската амбасадорка рече дека Вања ја платила цената што познати насилни криминалци не биле гонети и затворени. Остро ги искритикува властите зошто дозволиле вакви луѓе слободно да се движат и да вршат злодела. Агелер прстот го впери во институциите и порача дека е време сериозно да се преиспитаат што можеле да направат за да го спасат девојчето, но и сите други деца во државата.