Спортскиот туризам станува главна носечка економска гранка на Крушево
Спортскиот туризам станува главната носечка економска гранка за Крушево. Оваа година ќе се организираат голем број светски и европски манифестации во змејарство, параглајдинг, оутдор фестивали, планински велосипедизам и многу други. Последниот ваков настан кој се најави е Балканското првенство во џудо за кадети и кадетки кое ќе се одржи од 9 до 11 јуни. Се планира во Крушево да има над 400 учесници од 12 држави, а до крајот на месецот треба да се приклучат и Словенија и Хрватска.
„Се надевам дека ќе бидеме добри домаќини и дека сите тие присутни натпреварувачи и гости ќе понесат одлични импресии и дека ќе имаме едно Балканско првенство, неколку нивоа повисоко од сите досега организирани во земјите каде што се случуваат овој тип на натпревари“, изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо Федерацијата на Македонија.
Од Општина Крушево истакнаа дека ќе продолжат да вложуваат во спортската инфраструктура која е рецептот за успех и привлекување на ваков вид на туристи.
„Спортот е вистински амбасадор на Крушево и затоа продолжуваме да инвестираме во него и да означуваме големи успеси. Вложувањата во спортот го прават Крушево препознатлива, посакувана и примамлива дестинација за сите 4 сезони“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Селекторот на нашата кадетска селекција Дејан Мицкоски рече дека Македонија има џудисти кои може да се носат рамо до рамо со џудистите од останатите држави.
„Значи имаме предвидено уште 2 контролни натпревари и 1 тренинг камп, натпреварите ќе бидат од меѓународен карактер токму во следните седмици, така што во средината на мај јас како селектор заедно со моите помошници кои се актуелни тренери на кадетската селекција, ќе го извршиме крајниот, финален избор на репрезентативци кои ќе земат учество на ова кадетско натпреварување“, потенцираше Дејан Мицкоски, селектор на кадетската селекција.
Од Џудо федерацијата на Македонија не застануваат тука и најавуваат уште посилни натпреварувања во иднина.
„Веќе во август оваа година за прв пат во Македонија ќе се организира Европски куп за јуниори, куп кој е за на од огромна чест и задоволство и од големо значење, бидејќи во историјата на македонското џудо за прв пат организираме настан од европско ниво“, рече Ѓорѓија Стојанов, спортски директор на Џудо Федерација на Македонија.
Последно организирано Балканско првенство во џудо во Македонија било пред 5 години.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар