Статистиката измери инфлација од 4,8% во мај
Инфлација од 4,8 отсто во мај измери статистиката. Индексот на цените на мало пак, бележи скок од 5,6% за една година. Најголемо поскапување од 11% е регистрирано во транспортот, скоро 10 кај алкохолните пијалоци и тутунот.
Цените на храната пак за една година поскапеле за 4,7 отсто. Најголемо зголемување од скоро 9% има кај месото, мастите и маслата речиси 7 и над 6% по повисока цена се продава млекото и млечните производи. За владата овие бројки покажуваат дека економијата останува стабилна и во рамки на очекувањата. Ако се спореди на месечно ниво, трошоците за живот се повисоки за 0,6% во однос на април и се резултат на растот на цените на транспортот и храната. Економистите сметаат дека треба да бидеме внимателни во 3 квартал, поради очекуваните приливи од туристите и зголемената лична потрошувачка, во ек на светското фудбалско првенство.
Ако растот на цените продолжи, од Владата не ја исклучуваат можноста за намалување на ДДВ-то кај основните прехранбени производи и воведување таргетирани мерки за ранливите граѓани. Помош само на тие на кој им е непотребна советуваат и експертите.
Владините очекувања се постепена стабилизација на инфлацијата до крајот на годината, која според проценките би се движела помеѓу 2 и 3%. Сепак војната на Блискиот Исток и растот на цените на нафтата ќе ја ревидираат нагоре проекцијата во ребаласнот на буџетот, кој за 10-тина дена треба да биде усвоен на седница. Попесимистички бројки очекува Народната банка и меѓународните институции, чии проекции се пораст на трошоците за живот од 4, односно 4,5 отсто оваа година.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
