Македонија
3. January 2022 - 16:48

Стоилковски: Мишко Ралев да си поднесе оставка или од ИО на СДСМ или од декан

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека мандатарот за состав на Влада, го прекршил законот за високо образование. Димитар Ковачевски, во извршниот одбор на СДСМ го сместил Мишко Ралев, декан на Факултетот за архитектура и дизајн. Така, велат од партијата е прекршен Законот за високо образование, според кој, Вршењето на должноста декан и продекан, е неспоиво со вршење на друга јавна функција или во политичка партија.

„Оттука, бараме, пиунот на Заев, Ковачевски, да го исклучи Мишко Ралев од Извршниот Одбор на СДСМ или пак Ралев да си поднесе оставка од позицијата Декан. Истоврмено, по ваквото именување, но и прифаќање на Ралев да биде дел од Извршниот одбор на СДСМ, со што го криши законот за високото образование, очекувано е да се повлече од функцијата во високото образование“, вели Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, од владејачката партија велат Ковачевски води интензивни преговори за состав на министерскиот тим. Комплетирањето на владиниот состав би завршило до средината на идната недела.

„И во овој период се водат разговори и се очекува истите да финишираат  до крајот на оваа недела или почетокот на следната и веќе можеби во вторник на 11 јануари, предлогот за нова Влада да биде веќе поднесен до Собранието“, изјави Костадин Ацевски, Член на ИО на СДСМ.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека новиот владин тим кој го подготвувал Ковачевски, само ќе ги продолжел корупцијата, криминалот и поразите на Македонија.