Македонија
7. March 2026 - 16:37

Стојанче два пати ја тепал Ивана на денот на самоубиството, ОЈО Скопје објави детали

Стојанче два пати физички ја нападнал Ивана и се заканил дека ќе ја убие на денот на трагедијата. ОЈО Скопје ги објави деталите кои ја навеле Ивана да скокне од тераса заедно со својата 6-годишна ќерка.

На критичниот ден осомничениот најпрво ѝ се заканувал и започнал да ја удира во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека се возеле со автомобил управуван од трето лице кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие. Во близина на судот повторно физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, при што кај неа биле констатирани хематоми по главата и телото. Подоцна, откако од училиште ја зеле шестгодишната ќерка, сведокот ги однел до нивниот дом за оштетената да се спакува и да замине кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот чекале пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето, по што го извршила самоубиството, велат од ОЈО Скопје

Стојанче се сомничи за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста, а обвинителството бара да остане во притвор. 

Ова е само една од тргаедиите поради кои СДСМ и денеска бара оставка и министерот Тошковски. Опозицијата утре се приклучува на 8-мартовскиот марш организиран од граѓански организации, за да испрати порака дека институциите не ги штитат жртвите на семејно насилство.

ОЈО Скопје денеска отвори истрага и против 55 годишниот скопјанец кој вчера беше приведен откако пукал и се заканувал на сопругата и трите ќерки. Се сомничи за обид за убиство и загрозување на сигурноста, а обвинителите и за него бараат мерка притвор поради опасност да го повтори делото, да избега или да влијае врз сведоци.