Струмица доби возило за превоз на лицата од ранливите категории
Лицата од ранливите категории во општина Струмица повеќе нема да имаат проблем со превоз кога ќе ги вршат нивните лични или пак општествени активности. После личните и образовни асистенти кои им помагаат на учениците со попреченост, општината реализираше уште еден проект наменет за оваа категорија граѓани.
Овој пат се работи за проектот специјално патничко возило за сите ранливи групи во општина Струмица. Возилото е донација од владата на Република Бугарија, а беше подарено за време на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија што се одржа во Струмица. Според градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски реализацијата на овој проект ќе овозможи унапредување на социјалната мобилност на лицата од ранливите групи, посебно на децата со интелектуална попреченост од сите категории.
,,Специјалното патничко возило ќе го реши проблемот со превозот на децата до институциите каде што ги вршат нивните лични и општествени активности, како што се престој или следење на специјална или редовна настава и тоа со специјална придружба на стручно лице согласно законските прописи. Вели Коста Јаневски – градоначалник на општина Струмица
Возилото ќе се користи според претходно утврден оперативен план.
,, Општина Струмица ќе извршува специјален превоз на социјално ранливите категории на граѓани и здрженија кои делуваат во социјалната сфера, за извршување особено на јавни и општествени активности.,, вели Татјана Хаџикотарева – координатор на проектот
Специјалното патничко возило е еден од двата проекти од социјалната сфера што ги имплементира општина Струмица, а кои се донација од владата на Република Бугарија во вкупен износ од 180 илјади евра.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
