Струмичанец загина во пожар во куќата во која престојувал
Струмичанец жив изгорел откако во куќата во која престојувал синоќа избувнал пожар.
Според информациите на основното јавно обвинителство се работи за возрасно машко лице кое најверојатно живеело во куќата, но поради високиот степен на изгореници неговиот идентитет засега се води како непознат и ќе се утврдува со обдукција.
Телото е пронајдено во една од просториите која заедно со кровната конструкција е целосно опожарена. Соседите кои се уште не можат да поверуваат за трагедијата во нивната улица велат дека глетката била страшна.
Во гаснењето на пожарот учествувале девет пожарникари со три противпожарни возила, а интервенцијата траела околу еден час.
Причините поради кои настанал пожарот засега остануваат непознати, но според првичните информации најверојатно се работи за човечки фактор. Електричната инсталација е исклучена како можност бидејќи скоро две години струјата во куќата била исклучена.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар