Судиите гласаат за двајца нови членови на Судскиот совет
Судиите одлучуваат кој ќе ги претставува во телото кое унапредува и разрешува. Тројца кандидати се во трка за две места во Судскиот совет. На непосредни избори, зад параванот решаваат кому ќе дадат шестгодишен мандат за член на Судски.
Свои претставници одредуваат Врховниот и 12 судови од скопското апелационо подрачје. Избирачкиот список брои вкупно 236 судии. Избор со еден кандидат спроведува Врховниот суд. Наке Георгиев е судијата кој ја бара поддршката од своите 15мина колеги. За да се најде на гласачкото ливче, и практично да биде избран за член, Судскиот совет ја запре постпапката во која тој беше обвинет за нестручно работење како поранешен претедател на штипскиот апелационен суд.
Судски замижа и за кавадаречкиот судија Лазар Нанев. Обвинители се жалеле дека им се заканува и не им дозволува влез во судница, но за советот тоа не биле причини да сноси одговорност. Ја запреа дисциплинската постапка, па и тој влезе во трката за член на истиот совет кој го амнестираше од одговорност. Нанев за јавноста е познат и како судијата кој на сметка на ФФМ патуваше во странство да ги бодри македoнскитe фудбалери.
Негова конкуренција е судијката Антоанета Димовска од скопскиот граѓански суд. За неа нема постапки за одговорност, сестра е на пратеничката на власта Калевска-Ванчева, а важи за критичар на состојбите во судството.
Изборите следат откако двајца членови незадоволни од случувањата во Судски си поднесоа оставки. Пресудно да ги напуштат функциите било разрешувањето на претседателката Дамева. Двајцата нови членови доаѓаат во време кога посебна мисија на ЕУ ќе го проверува работењето на советот, тело кое претходно Холандскиот амбасадор го прогласи за нелегитмно.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
