Судскиот и советот на јавни обвинители ги повика колегите јавно да кажат кој им прави притсок а не по анонимни анкети
Согласни се дека резултатите се аларманти ама наместо анонимно, за притисоците да зборуваат јавно. Судскиот и Советот на јавни обвинители ја повикаа фелата да пријави кој од власта, политиката и колегите им влијае какви одлуки да носат.
Судиите да се охрабрат и ги пријават притисоците на кои се пожалиле во анонимната анкета. Првиот човек на Судскиот совет смета дека со молчењето, неговите колеги го загрозуваат сопствениот интегритет.
За Георгиев, алармантно е што 37 отсто од судиите признале притисоци од власта, партиите и членови на Судскиот совет, па ги повика наместо да се кријат зад анонимна анкета, да ги пријавуваат влијанијата.
„Во овој случај се доведува во прашање самиот интегритет на судиите. Во состојба кога тие пријавуваат во анонимни анкети, пријавуваат некакви аномалии, а од друга страна, да не ги истакнат таквите аномалии, значи, на некој начин си припишуваат сами на себе дека немаат доволно храброст“, вели Сашко Георгиев, Претседател на Судски совет.
Заради ниската доверба во советот искажана во анкетата, Георгиев порача дека за притисоците, судиите може да пријават и во обвинителството.
„Ако немаат целосна доверва во советот, има институции, има обвинителство, значи слободно нека пријават, а ние сме тука да се носиме со таквите проблеми. Конкретно, со име со презиме. Значи, треба да го кажат тоа, не вака. Значи анонимно, но треба точно да се знае , кој, со име со презиме“, вели Георгиев.
За советот на јавни обвинители анкетата не е релевантна, бидејќи ја одговориле само половина од обвинителите во државата. Сепак ги загрижува што огромен процент пријавиле притисоци. И овој совет ги повика да не молчат и да побараат заштита.
„По половина, не можеме да знаеме дали е само таа половина дел од незадоволните или не е. Вистинската слика е кога ќе ги имаме сите обвинители на располагање и да влечеме точна бројка. Не е во ред како податок и бројка. Не знам како би можел да го смениме тој дел, јас мислам дека преку нашата транспарентност и преку обраќањето директно до советот, затоа што, и до сега сум кажувал, никој обвинител не се обратил за да го заштитиме или каже дека врз него се врши влијание“, изјави Антонио Јолевски, Претседател на Совет на јавни обвинители.
Завчера ОБСЕ ја објави анкетата спроведена меѓу судиите и обвинителите кои открија дека трпат притисоци ама и не веруваат во независноста на телата кои треба да ги штитат нивните интереси.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
