Македонија
9. September 2021 - 16:54

Сведоштва за трагедијата - се бегало преку прозорци, огнот се раширил за само неколку минути

Двајца од починатите во модуларната болница се роднини на пациентите кои се лекувале таму. Координарот на ковид центарот вели дека тие загинале обидувајќи се да ги спасат своите блиски од огнената стихија.

Се уште непознат е идентитетот на лицата кои загинаа во пожарот а им помагале на роднините, но преку социјалните мрежи тетовчани веќе се простуваат од своја сограѓанка за која велат, изгоре жива спасувајќи ја мајка си.

А дека први на помош во спасување на пациентите биле токму роднините, за сител сведочеше младо момче кое својот лик го сокри од камерата ама вели дека татко му се спасил од огнот благодарение на сопругата која деноноќно престојувала во ковид центарот.

За хоророт кој го преживеале пациентите и нивните блиски, сведочи и млада девојка чија сестра преку прозорецот успеала да го извлече татка си. Присутните кршеле стакла за да излезат и да ги спасат блиските кои биле на лекување, но таква среќа немале хоспитализираните со потешка слика на болеста.

Од Тетовската болница велат дека во обид да спасат што повеќе пациенти, со полесни повреди се здобиле и медицински лица. 12-те пациенти кои беа спасени од пожарот лекувањето го продолжиле во интерната клиника на тетовската болница, а надлежните велат дека нивната состојба е стабилна.