СЗО: Низок ризик од ширење на вирусот Нипах надвор од Индија

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека постои низок ризик од ширење на вирусот нипах од Индија и дека не препорачува воведување ограничувања за патување или трговија откако во земјата беа потврдени два случаи на зараза.
СЗО наведе дека Индија има капацитет да ги спречи таквите епидемии и дека нема докази за зголемен пренос на вирусот од човек на човек, со напомена дека е во постојана координација со индиските здравствени власти. Истовремено, не е исклучена можноста за понатамошно изложување на вирусот, кој циркулира меѓу популацијата на лилјаци во делови на Индија и соседен Бангладеш.
По потврдата на заразени во Индија, Хонгконг, Малезија, Сингапур, Тајланд и Виетнам оваа недела ги заострија аеродромските контроли за да спречат евентуално ширење на вирусот.
Вирусот Нипах го пренесуваат овошните лилјаци и животните како свињите, а кај луѓето може да предизвика треска и воспаление на мозокот. Стапката на смртност се движи од 40 до 75 отсто, а не постои регистриран лек, додека вакцините сè уште се тестираат. Преносот од лице на лице е отежнат и обично бара долготраен близок контакт. Според наводите на виролозите, ризикот за општата популација останува низок.
СЗО соопшти дека изворот на актуелната инфекција сè уште не е целосно разјаснет и оти вирусот Нипах се класифицира како приоритетен патоген поради високата смртност и недостигот на лиценцирани вакцини или лекови.
Двајца здравствени работници заразени кон крајот на декември во источната индиска држава Западен Бенгал се наоѓаат на болничко лекување, соопштија локалните власти. Ова е седма документирана епидемија на Нипах во Индија и трета во Западен Бенгал. Индија, особено сојузната држава Керала, редовно пријавува спорадични случаи на инфекцијата од 2018 година.
МИА
Ново на Сител
-

Трендафилов: Нека се подготват за блокади идната недела
-

Околу 80 талентирани ученици од Струмица ќе бидат стипендирани во наредните девет месеци
-

Брана „Калиманци“ речиси полна, „Гратче“ на прелив
-

Преглед на вестите од светот
-

Садула Изаири од тетовскиот суд освои најмногу гласови за член на Судски совет
-

Тема на денот со Весна Јаневска, министерка за образование и наука
-

Финансиска полиција со кривична против претседателот на Регулаторна, Бислимовски тврди дека постапките биле законски
-

ИЈЗ: Се намалува бројот на болни од грип, но ширењето на вирусот се уште е со среден интензитет
