Такси дејноста станува хоби, не професија
Професијата такси возач повеќе не е атрактивна за младите. Недостатокот од млад кадар ги принудува такси компаниите да склучуваат краткоточни договори со правни лица за превоз на патници, односно, вработени, од и до работните места. Од Здружението на такси превозници велат дека состојбата е слична во сите услужни и трудоинтензивни дејности.
-Такси дејноста не е популарна за младите, како што не се и конфекциите повеќе. Добро е што во Штип се воведе градскиот превоз, па луѓето имаат некоја алтернатива, за разлика од помалите општини. Можноста е во квалитетот, не во квантитетот кој нема да игра улога, изјави Глигор Арсов, претседател на ЗТ „Такси 2003“- Штип.
Во соседството, такси дејност е резервирана за возачи од Непал, Филипини, тренд кој несомнено ќе дојде и кај нас. Наместо како професија, домашните таксисти повеќе оваа работа ја доживуваат како хоби или отскочна даска до ново вработување.
-За месец дена започнува туристичката сезона, од 100% такси возачи, мислам дека 70% ќе одат во Хрватска, Охрид, Грција, да работат туристички и ќе ги чекаме да се вратат во септември-октомври, што за жал е непопуларно и не можеме да планираме проекти за иднина. Еве ние што сакаме да инвестираме мораме да бидеме внимателни, додаде Арсов.
Штип како студентски и административен центар има дефицитарна ноќна смена со 2 до 3 такси возила. Според Арсов, можно решение е либерализација на пазарот на трудот по примерот на западно европските земји, такси превозот да биде дополнителна дејност за лицата со ниски примања.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
