Тече конкурсот за упис во средните училишта, најмногу место има за ученици во средните стручни училишта
Гимназиите заминаа во втор план – оваа година најголемиот идни средношколци ќе се борат за место во стручните школи. Тече конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2026-2027 година. Место има за 25 илјади деца во 109-те јавни средни училишта.
Ако пред неколку години беше атракција да се учи во Гимназија, последниве години ситуација е значително променета. Ова го потврдува и фактот дека оваа година најмногу места за ученици има во средното стручно образование - 17.000, речиси 6.000 во гимназиското и 570 во уметничкото образование.
Од 109 средни школи во цела држава, во 76 се реализира стручно образование. Државата во изминатите години интензивно работи на промоција на дуалното образование и ваквите политики имаат ефект.
Бројките покажуваат дека во изминатите шест години, постепено се зголемува бројот на заинтересирани деца кои се запишуваат во стручно образование.
На пример во учебната 2020/2021 година средно стручно било избор за 10.961 ученик. Во 2023/2024 година, 11.822. Лани, 74 % од учениците се запишале во стручните средни школи, а 24% во гимназиите.
Директорите на средните стручни училишта, велат дека е важно да се креира кадар според пазарот на трудот.
Секоја година некаде во февруари месец, општината заедно со бизнис секторот и со другите институции спроведуваат тн социјален дијалог на коишто се мапираат потребите на пазарот на трудот и учениците кои бираат средно стручно во нашето училиште стекнуваат солидна теоретска настава, којашто понатаму во рамки на бизнис компаниите се потврдува со обичната настава, и токму ние сме тие што треба да ги подготвиме учениците за бизнис секторот и за пазарот на трудот, изјави Јованка Шалева, директорка на средно стручно училиште „Коле Нехтенин“.
Дуалното образование станува поатрактивно и во внатрешноста на Македонија, не само во Скопје.
„Пред неколку години започна проекто дуално образование, којшто навидум изгледаше многу тежок и сложен. Меѓутоа интересот од двете страни, и од училиштето и од компаниите покажаа дека кога постои меѓусебно разбирање и договор, тоа може да биде еден многу успешен проект“, додаде директорката.
Дуалното образование останува фокус и на ресорното министерство.
Дуалното образование останува нашиот фокус, досега потпишавме договори со 800 компании и продолжуваме да го стимулираме средното стручно образование за да ги потполниме празнините на пазарот на труд или она што им е потребно на компаниите да се подобри производството, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во јунскиот уписен рок има две пријавувања – првото од 12 до 15 јуни и второто на 23 јуни. Во августовскиот уписен рок има едно пријавување кое ќе се реализира на 20 август.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
