Тензично на Косово, Белград најавува заштита на Србите по секоја цена, Приштина обвинува дека се организира војна
Барикадите и тензиите на северот од Косово продолжуваат. На административните премини Јариње и Брњак не може ниту пешки ниту со автомобили. Како што пренесуваат српските медиуми, пред полноќ одвреме навреме се слушале детонации а за посериозен инцидент го кометираат дејството на косовската специјална полиција која утрово ги тргнала српските знамиња од браната Газивода каде стигнале со блиндирани џипови.
Патиштата се блокирани а од своите ставови не отстапуваат ни српските ни косовските власти. Денеска заседавал и Советот за безбедност на Косово по кој косовскиот премиер Албин Курти изјави дека незаконитоста нема да се толерира.
-Официјален Белград денес зборува и се однесува како пред 23 години и го режира истата актерска екипа, како Вучиќ - поранешен министер за пропаганда на Милошевиќ и Дачиќ - поранешен портпарол на Милошевиќ.
Минатото мора да остане во минатото. Ние сме влада на мирот која сака да ја одржи безбедноста на сите граѓани, без разлика на вера, етничка припадност, возраст или пол
Откако синоќа Вучиќ им порача на Србите на Косово дека се принудени повторно да ги бранат своите огништа на барикадите, денеска на иста линија и министерот за надворешни работи на Србија. Дачиќ потврди дека нема да отстапат од своите црвени линии но и нема да ги остават сами оние кои протестираат.
-Сигурно дека нема да останат без подршка од својата држава. Можат да бидат сигурни дека ќе ги вложиме сите напори дипломатски, се надевам само дипломатски и политички да го заштитиме нашиот народ на Косово и Метохија, а ако треба и останатите секако...изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.
Денеска повлекување на Србите од барикадите побара високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика отокако вчера била фрлена шок бомба врз извидничка екипа на мисијата ЕУЛЕКС.
ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС Косово или употреба на насилни, криминални дејствија на север.
Групите на косовските Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мирот мора да се врати. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР, напиша Жозеп Борел.
Блокадите на патиштата се протест против апсењето на поранешниот полицаец од косовските Срби Дејан Пантиќ.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
