Топлото време да се искористи за чистење на оџаците
И покрај законските обврски многу од граѓаните немаат навика да ги чистат нивните оџаци или пак ги оставаат во неисправна состојба со што ја загрозуваат сопствената, но и безбедноста на околината.
Ова го покажуваат и редовните контроли кои дирекцијата за заштита и спасување ги направила во струмичкиот регион.
Тие во изминатиот период имале 72 инспекциски надзори при што констатирале близу 50 недостатоци. Инспекторите од дирекцијата поднеле и 14 претставки кои се однесуваат на неисчистени или неисправни оџаци.
Најголемиот број неправилности се регистрирани во колективните станбени објекти во кои наместо на димоводните, станарите грејните тела ги приклучувале на вентилациските канали.
Дека неисчистените оџаци се една од главните причини за пожарите во зимскиот период потврдуваат и од противпожарната единица во Струмица. Поради оваа причина речиси секоја грејна сезона тие имаат по околу стотина интервенции на запалени оџаци.
Последните неколку години чести биле интервенциите и на запалени канти за отпад и контејнери во кои граѓаните ја фрлат пепелта од нивните грејни тела.
Чистењето на оџаците пред секоја грејна сезона е законска обврска. Непочитувањето на истата предвидува и високи парични глоби кои се движат од 1000 до 5000 евра за правите лица. За физичките казната е од 500 до 1000 евра.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар