Македонија
12. July 2022 - 16:52

Трае потрагата по 28 годишниот Мартин - Семејството не губи надеж

По вода, воздук и копно, четврти ден се бара исчезнатиот Мартин кој во саботата попладне го завлекоа струите во водите на Егејското море на Халкидики. Сеуште нема никаква трага, а во потрагата се вклучи и мајката на Мартин која вчера долета од Америка, со надеж дека ќе помогне да се пронајде нејзиниот син. Таа за грчките медиуми изјави дека не губи надеж.

“Тргнав од Америка да дојдам во грција за да го пронајдам своето дете. Имам голема вознемиреност и исчекување. Им благодарам на сите што ни помагаат и на властите и на волонтерите. Тимот на ОФКАТ е покрај нас од првиот момент и им благодарам за тоа што го прават. Имаме вера.”

Двајцата пријатели на Мартин со кои заедно пливале во морето, а беа спасени, веќе се во добра здравствена состојба пренесе МИА. 25 годишниот Васил вчера бил пуштен од болницата на Халкидики, а 30 годишниот Иван кој беше 18 часа во морските води, сеуште е хоспитализиран во Солун.

Спасувачката акција започна во саботата попладне, кога трите момчиња на плажата во Посиди влегле во морето, но откако се одалечиле од брегот, морските струи почнале да ги завлекуваат и не можеле да испливаат назад.

Грците на социјалните мрежи предупредуваат за силните морски струи и за важноста да се постават предупредувачки знаци на повеќе јазици, бидејќи мештаните ја знаат опасноста во оваа област, но не и туристите.