Бизнис
1. August 2025 - 16:39

Трамп ја преполови царината за Македонија

Трамп ја преполови царината за Македонија наместо 33%, земјава има стапка од 15 отсто, исто како за Европската унија. Американскиот претседател ја потпиша извршната наредба за речиси сите земји кои досега немаат трговски договор со САД.

Од европските земји, најпогодена е Швајцарија, со стапка од 39%. Од регионот, пак, српските производи ќе се царинат со 35, а оние од Босна и Херцеговина со 30%.

Земјите кои ги нема на списокот од Белата куќа, меѓу кои се и Црна Гора и Албанија, имаат царина од 10 отсто.

Премиерот Мицкоски смета дека работата не е завршена преговорите со американската администрација за пониски стапки продолжуваат после годишните одмори.

Ова е прва фаза, ова не е договор, бидејќи тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински, односно не се царини, туку се трговски маржи, да ги наречам. Ние сме од 33% намалени на 15, преговорите продолжуваат, во моментов се наоѓаме на една условно кажано пауза. Ние продолжуваме да преговараме и оптимист сум дека ќе одиме уште подолу“ Христијан Мицкоски, премиер

На ист став е и првиот човек на Царинската управа.

Можеме да одиме уште подолу со стапка која би била кај 10%. Продолжуваме да преговараме, убеден сум дека квалитетни луѓе преговараат и ќе видиме до крај на септември која стапка ќе биде дефинирана“ Бобан Николовски, директор на Царинската управа

Николовски информира дека минатиот месец е постигната највисока месечна наплата на приходи, околу 205 милиони евра. Според него, ова е историски успех што се должи на секојдневната напорна и тимска работа, на професионализмот, но и на воспоставениот нов систем на вредности - чесност, одговорност и транспарентност.

Од друга страна, опозицијата го поздрави потегот на Трамп за спуштање на царинските стапки.

Добро е што се намалуваат. Генерално политиките на царини се лоши, но кога веќе се намалуваат, тоа е во ред“ - Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ

На предлог на Владата, Собранието летово изгласа измени со кои од 1 јули се укинати царините за увоз на американски стоки во земјава.

Новите царини од САД ќе стапат во сила на 7 август.