Свет
8. January 2026 - 8:59

Трамп со декрет ги повлекува САД од 66 меѓународни организации

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера нареди САД да се повлечат од 66 меѓународни организации, велејќи дека тие повеќе не им служат на националните интереси на САД, јавува ДПА.

Претседателскиот декрет на Трамп им наложува на федералните оддели и агенции Што е можно поскоро“ да го прекинат учеството и финансирањето на 31 ентитет на Обединетите нации и 35 организации кои не се дел од ОН.

Белата куќа соопшти дека организациите работат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД, пренесува германската агенција.

Многу од засегнатите организации се активни во области како што се политиката за животна средина и клима или родовата еднаквост.

Претседателот Трамп го прекинува учеството на САД во меѓународни организации кои ја поткопуваат независноста на Америка и ги трошат парите на даночните обврзници на неефикасни или непријателски агенди“, се наведува во соопштението на Белата куќа, пренесено од ДПА.

Наредбата на Трамп не прецизираше колку пари американската администрација очекува да заштеди со повлекувањата.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави на X дека Вашингтон се повлекува од она што го опиша како антиамерикански, бескорисни или расипнички меѓународни организации“. Тој додаде дека продолжува прегледот на дополнителни меѓународни организации.

На листата се вклучени Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) и Меѓународниот институт за демократија и изборна помош, кој промовира демократски транзиции низ целиот свет.

Засегнати се и бројни тела на ОН, вклучувајќи го и Одделот за економски и социјални работи, што се занимава со прашања како што се населението, сиромаштијата и меѓународната трговска политика, и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени.

ОН не одговорија веднаш на соопштението на САД и најавија дека за денеска е планирана изјава на организацијата.

Трамп се приближува кон првата годишнина од неговиот втор мандат како претседател на САД, период обележан со неговата стратегија Америка на прво место“. Тој постојано критикуваше дека САД плаќаат за други земји, а добиваат малку за возврат, потсетува ДПА.

Претседателот на САД го користеше овој аргумент не само со меѓународните организации, туку и во трговската политика и со сојузниците на НАТО за да се залага за промени што им користат на САД.

Откако се врати на функцијата, Трамп се обиде да ги извлече САД од неколку меѓународни рамки, вклучувајќи ја Светската здравствена организација и УНЕСКО.

 

МИА