Треттоодделенецот Македон доби „слики за спомен“ и никаква помош од државата за школување
Осумгодишниот генијалец Македон по многуте ветувања за соодветно образование во Македонија, сепак добил пораз од државата. И претседателот Пендаровски и министерот Шаќири го запознаа малиот генијалец кои освојува медали по светски натпревари по математика и му беше ветено соодветно образование за деца како него со натпросечна интелегенција. Но денеска, неговиот татко на својот фејсбук профил по освојувањето на третиот медал на светско ниво по математика, пишува дека од државата не добиле ништо. Ниту е обезбедено соодветно школување за деца со натпросечна интелегенција како што им било ветено, ниту спонзори кои ќе го финансираат натамошното школување на Македон, ниту пак соодветна програма за надарени деца.
И сега после неколку месеци покрај многу повици од наша страна до истото тоа министерство конечно ни кажуваат дека сето тоа било една голем фарса и дека од сето тоа што го ветиле нема ништо.Ни кажаа дека амбасадите не можеле да ги контактираат на соодветно ниво туку во неформални контакти биле незаинтересирани, дека спонзорите одеднаш станаа незаинтересирани а државата не може да инвестира во ваков тип на образование.Со еден збор добивме едно големо НИШТО на денот кога Македон го доби третиот медал по математика замислите на светско ниво. – напиша таткото на Македон.
Од МОН пак нема конкретен одговор за овој случај- велат дека учениците со натпросечна интелегенција имаат бенефиции, а министерството го вреднува и стимулира нивниот труд. Талентираните ученици со одлука на Наставнички совет најмногу до два пати за време на школувањето може да преминат во наредно одделение.
Се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна наставници ментори.
Инаку Македон Димитровски е трето одделение во О.У. Лирија во Тетово, но успешно решава задачи по математика за втора и трета година средно образование. Има освоено три медали по математика, а последниот го освоил пред само неколку дена на натпревар кои се реализира во 22 земји низ целиот свет. Покрај математиката, на само осум години успешно зборува и учи неколку јазици.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
